Реал Сосиедад го надигра Кадис со 1-0, со гол на Александер Исаксон, и со шестата победа по ред, се врати на првото место на табелата во шпанскиот фудбалски шампионат. Баскискиот тим игра одлично, има блескави резултати и засега води во трката за титулата, со три бода предност пред Атлетико Мадрид кој има и два меча помалку.
Во последните дваесетина години, титулата во Шпанија ја освојуваа само Реал Мадрид и Барселона. Но, изгледа дека Реал ќе треба добро да се помачи ако сака да ја одбрани титулата, а Барса во моментов е далеку од врвот. Има еден статистички показател според кој тим со 12 бода негатива (Барса во моментов има такво заостанување зад Сосиедад) никогаш не станал првак во Шпанија. Додуша, каталонците имаат и два меча помалку од лидерот.
За Барса поголем проблем се повредите на Ансу Фати и Џерард Пике кои нема да играат уште барем четири месеци, а два месеци во аут е биде и Серџи Роберто. Сето тоа, заедно со прилично лошата форма на Лионел Меси и превирањата околу претседателската функција, ја прават состојбата многу лоша, и во моментов Барселона не е кандидат за титула.