Валенсија обезбеди место во Лигата на шампиони за следната сезона, откако во последното коло победи на гости кај Валјадолид со 2:0. Благодарение на тие три бода, Валенсија заврши на четвртото место, последно кое води во ЛШ. За Валјадолид овој меч немаше речиси никакво значење.
Сепак, дуелот не е „чист“ бидејќи се најде на листата на наместени мечеви. Во Шпанија неодамна беа затворени повеќе лица кои учествувале во местенки на средби од Примера и Сегунда дивисион. кога се работи за средбата Валјадолид – Валенсија, дури седуммина играчи учествувале во местењето. Тоа станало јасно по преслушување на телефонските разговори.
Капитенот на Валјадолид Борха Фернандес, како и поранешните играчи на Реал Мадрид Раул Браво и Карлос Аранда, со тројцата главни во организацијата за местење на овој дуел. Сите тројца беа уапсени минатата недела, но потоа и пуштени со кауција, под договор дека ќе се појавуваат на сослушувањето пред Судот.
„Седум играчи беа поткупени, немаше повеќе. Вложи 10.000 евра и доби 20.000 евра“, вели Аранда во телефонски разговор за овој меч. Потоа во друг телефонски разговор го советува пријателот како да го одигра мечот во обложувалница.
„Види братче, Валенсија ќе победи во првото полувреме, а потоа и во второто. Јасно ти е? Впрочем, ќе го добие првиот дел, а потоа и на крајот ќе се радува. Не играј дека ќе има два погодоци во двете полувремиња, туку дека Валенсја ќе победи во двете полувремиња. Немој на никој друг да кажеш за ова. Значи на никој, никој, никој“, вели Аранда во телефонскиот разговор.
Како и што било договорено, така и се случи на крајот. Валенсја ги доби двете полувремиња. По првите 45 минути гостите водеа со 1:0 благодарение на голот на Солер во 36 минута, а потоа во второто полувреме погоди и Родриго во 52 минута за конечни 2:0 за Валенсија.
Головите кои ги постигна Валенсија беа по големи грешки на одбраната на домаќините.