Во една од пониските шпански лиги е видена неверојатна ситуација. Во регионот Кастилијан-Ла Манчо играа екипите на Азкуека и Спортинг Касаниљаса, а мечот ќе се памти во светски рамки.
Се играше последната минута, резултатот беше 2:2, кога се повреди гостинскиот играч Кристијан де ла Мета. На фудбалерот му се укажуваше помош, а судијата во тие моменти реши да отсвири крај на средбата.
По 15 минути откако лекарите го изнесоа повредениот играч, а сите останати си заминаа од теренот, на изненадување на сите, главниот судија реши да досуди пенал за гостите.
Судијата замина во соблекувалните и побара двата тима да излезат на теренот. Гостите се појавија, но домаќините негодуваа и не сакаа да има пенал. Судијата инсистираше барем голманот да се појави, но за џабе.
„Многу се изненадив кога видов дека судијата покажува на белата точка. Во мојата 30-годишна кариера како играч, тренер и спортски директор никогаш не сум видел ништо слично“, вели Хаиме Гомез кој е директорот на Азкуека, по одлуката на судијата да досуди пенал.
Голманот на домаќините одби да брани, па гостите пеналот го шутираа на празна мрежа. На крајот, резултатот беше 3:2 за гостите.
https://twitter.com/i/status/1586712820087152656

