МЗТ Скопје се врати на втората позиција на табелата во АБА 2 лигата со убедлива победа во Тузла, против Слобода со 82:69.
Аеродромци немаа никакви проблеми во дуелот со претпоследната екипа во Лигата и го забележаа деветтиот триумф во 12-тото коло во Регионалното натпреварување.
Слобода водеше само на почетокот на мечот, а од 6:5 за домаќините, кошаркарите на МЗТ Скопје направија серија од 12:0, поведоа со 17:6 и веќе во првиот период најавија дека се дојдени по бодовите.
Разликата постојано растеше и на полувреме гостите заминаа со предност од 49:28, па ги чекаше само рутина во продолжението.
Македонскиот претставник го доби и третиот период, со што влезе во завршницата со 22 поени предност, па играше порелаксирано и им дозволи на домаќините да ја добијат последната четвртина со 22:13, за победнички 82:69 на гостувањето во Тузла.
Ѓорѓе Милошевиќ со 19 поени беше најефикасен на мечот, а имаше и 7 асистенции. Ерон Харис беше втор стрелец кај МЗТ со 18 поени, а по 13 постигнаа Крстевски и Хајндс.
Кај Слобода, Волтер Грег беше најефикасен со 18 поени. МЗТ со 21 бод е на второто место на табелата, зад лидерот Борац со 23.