Македонската фудбалска репрезентација во одлична атмосфера го чека дуелот против Ерменија на гости. Нашите најдобри фудбалери пристигнаа во Ереван и го одработија првиот тренинг. Дуелот се игра во вторник, а е од големо значење за „црвено-жолтите“.
Со евентуална победа, Македонија ќе продолжи со перфектниот биланс во Лигата на нации и ќе може да го прослави првото место во групата. Тоа ќе значи и место во полуфиналето од баражот, за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Македонија во Лигата на нации има победа од 2:0 против Гибралтар на гости, потоа во Скопје се радуваше на триумф од 2:0 против Ерменија, а синоќа беше победен Лихтенштајн со 4:1. Ерменија вчера непријатно беше изненадена пред своите навивачи и загуби од Гибралтар со 0:1.