Почетни состави: Аѕурите во офанзива, Јилмаз ќе им биде најголема закана

Со дуелот во Рим помеѓу Италија и Турција закажан во 21 часот и официјално започнува 16-тото издание на Европското првенство во фудбал. За нас е од посебен значај бидејќи на истото за првпат во историјата ќе се појави и македонската фудбалска репрезентација, која пак својата премиера ја има закажано задутре против Австрија.

Селекторите Манчини и Ѓунеш ги открија картите во пресрет на првиот натпревар од групната фаза. Аѕурите посакуваат сигурен старт па затоа тргнуваат во офанзивна формација со тројцата напаѓачи Инсиње, Берарди и најистурениот Имобиле, додека поради отсуството на Пелегрини, Манчини во средниот ред шанса му даде шанса на Локатели.

Турците делуваат нешто подефанзивно со петмина во средниот ред, а во нападот е искусниот Бурак Јилмаз кој ќе се обиде сјајната форма од Лил да ја пренесе на континенталниот собир.

Турција (4-5-1): Чакир, Челик, Демирал, Сојунчу, Мерас, Јосуклу, Туфан, Јазичи, Караман, Чалханоглу, Јилмаз.

Италија (4-3-3): Донарума, Флоренци, Бонучи, Кјелини, Спинацола, Жоржињо, Локатели, Барела, Берарди, Инсиње, Имобиле.

- Оглас -

Најнови вести