Во ситуација во која Зинедин Зидан не може да смета на капитенот Рамос и Бензема, тоа е прилика за Еден Азар да заигра на нивото кое се очекува од него, а повеќе од кога било на Кралевите им е потребен блесок од страна на белгискиот ас.
Дербито на колото, односно возвратниот дуел меѓу Интер и Реал Мадрид е клучен со оглед на тоа дека остануваат сè помалку шанси за двата гиганти да се изборат за европска пролет. Никој не очекуваше дека Интер и Реал ќе се најдат во ваква ситуација, во групата со Менхенгладбах и Шахтар засега аутсајдерите прават проблеми во трката за првите две места.
За Зидан е добра вест враќањето на Карвахал во составот, па искусниот шпански бек заедно со Варан, Начо и Менди ќе го брани голот на Куртоа. Средината трпи промени, го нема Каземиро, а триото заедно со Модриќ и Крос го комплетира младиот Одегард. Во нападот Азар ќе треба да го разигрува најистурениот Маријано, додека по десната страна ќе се заканува Лукас Васкес.
Што се однесува за Интер, Антонио Конте во однос на првата средба против Кралевите направи три измени. Во шпицот од нападот се врати Лукаку, кој ќе биде најголемата опасност за Куртоа заедно со Лаутаро Мартинес.
Во средината шанса пред Брозовиќ доби Галјардини, додека Шкрињар е во тројката стопери со Де Вреј и Бастони, на местото од Д’Амброзио.
Интер – Реал Мадрид
Интер (3-5-2): Хандановиќ, Шкрињар, Де Вреј, Бастони, Јанг, Видал, Галјардини, Барела, Хакими, Мартинес, Лукаку.
Реал (4-3-3): Куртоа, Карвахал, Варан, Начо, Менди, Одегард, Крос, Модриќ, Васкес, Азар, Маријано.