Вардар и Шкендија се македонските екипи кои го поминаа првото коло во европските квалификации, додека за Силекс и Работнички авантурата започна на самиот почеток и веднаш се елиминирани.
Вардар со вкупно 5:2 (победа од 3:0 и реми 2:2) ја елиминира Ла Фиорита во Конференциската лига, додека Шкендија со 2:1 (победа дома од 2:1 и реми без голови на гости) беше подобра од ТНС. Силекс синоќа во Скопје се радуваше на триумф од 2:1 над Дечиќ, но поразот од 2:0 во првиот меч е клучен за кратовци да не одат понатаму. Работнички беше најслаб и не даде ниту еден гол, а двапати загуби од Торпедо од Белорусија (0:3 и 0:1).
Тоа што е впечатливо по осумте меча што ги одиграа македонските екипи е дека најкритични се почетните 15 минути. На вчерашните мечеви сите три македонски екипи кои играа примија гол во првите 15 минути.
Работнички дома загуби од Торпедо, а гостите голот го дадоа во 14-тата минута. Силекс прими гол само по три минути игра и потоа не успеа да стигне да ја анулира вкупната негатива што ја имаше во двомечот со Дечиќ од Црна Гора.
Гол во првите 15 минути вчера прими и Вардар. Црвено-црните беа фаворити на дуелот против Ла Фиорита, но тимот од Сан Марино се израдува на погодок само по девет минути игра и поведе со 1:0. На крајот резултатот беше 2:2.
Работнички прими гол во првите 15 минути и на првиот меч со Торпедо. Тогаш Торпедо се израдува на погодок во 12-тата минута, а потоа ривалот од Белорусија постигна уште два погодоци во вториот дел.
Единствено Шкендија не прими гол во почетните 15-тина минути во двата меча со ТНС.