Почина човекот кој ја прими Македонија во УЕФА и татко на Лигата на шампионите

Поранешниот претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА), Ленарт Јохансон, почина на 89-годишна возраст. Швеѓанецот почина по краткотрајна болест.

За 17 години (од 1990 до 2007 година) на челната позиција во УЕФА, Јохансон направи многу позитивни работи, меѓу кои и основањето на Лигата на шампионите како наследник на Купот на европските шампиони, а во Македонија ќе го паметиме како човек во чие владеење ФФМ беше примена како полноправна членка на УЕФА.

Откако беше поразен од Мишел Платини на претседателските избори во УЕФА, Јохансон стана почесен претседател на Европската куќа на фудбалот, а беше и потпретседател на ФИФА. Неговата идеја за ваков формат на ЛШ, со давање шанса и на клубови кои не биле прваци во своите земји, се покажа како успешен бидејќи ова натпреварување стана финансиски многу побогато и резултатски најпрестижно. Не постои фудбалер кој не сака да игра во ЛШ, седиштето на УЕФА е преместено од Берн во Нион и сето тоа е заслуга на Јохансон.

Јохансон му остана верен на својот АИК Стокхолм, клуб чиј претсеател беше од 1967 до 1980 година. Тој има заслуга што Шведска беше домаќин на Европското првенство во 1992 година, а од 2001 наваму, пехарот кој го добива првакот на Шведска го носи неговото име.

Сите фудбалски натпревари кои ќе се играат оваа недела, а ги организира УЕФА, меѓу кои и полуфиналето од Лигата на нациите, ќе почнат со едноминутен молк во чест на Јохансон.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

1 КОМЕНТАР

Коментарите се затворени.

- Оглас -

Најнови вести