Почина човекот што му ја спаси кариерата на Ибрахимовиќ

Златан Ибрахимовиќ за неколку дена ќе го прослави 40-тиот роденден, а уште не размислува да оди во пензија. Легендарниот шведски голгетер игра во одлична форма, постигнува погодоци и е главна ѕвезда во Милан. Еден од најзаслужните што популарниот Ибра е активен на теренот беше Фреди Фу. Еден од најпознатите светски хирурзи кој му ја спаси кариерата на Златан, почина по тешката борба со ракот.

Фу е роден во Хонг Конг, а кариерата ја изгради во САД, каде што стана и претседател на Американската ортопетска заедница за спортска медицина во 2008 година. Фу имаше многу успешни операции, а му помогна на Ибрахимовиќ во 2017 година, кога фудбалерот доживеа тешка повреда на коленото.

Златан се повреди додека го носеше дресот на Манчестер јунајтед против Андерлехт во меч од Лигата на Европа, па многумина помислија дека неговата кариера е готова. Тогаш докторот Фу со неговата екипа ја изведе операцијата која му ја продолжи кариерата на Ибрахимовиќ.

Голгетерот од Манчестер замина во Лос Анџелес галакси, каде што помина две одлични сезони, потоа повторно се врати во Европа и уште е дел од тимот на Милан.

„Фреди Фу ми даде втора шанса во кариерата. Уште сум на врвно ниво благодарение на него. Многу му должам. Ти благодарам Фреди Фу. Почивај во мир“, беше пораката на Ибрахимовиќ, со фотографија од оперираното колено, над кое има и тетоважа посветена токму на Фреди Фу.

- Оглас -

Најнови вести