Тажен ден за Бугарија, на 80-годишна возраст почина Димитар Пенев, човекот кој важеше за најголем бугарски фудбалски тренер, а беше и селектор во 1994 година кога нашиот источен сосед направи чудо и дојде до полуфиналето на Светско првенство.
Тој беше откривач и ментор на најголемите ѕвезди како Стоичков, Костадинов, Пенев, Балаков.
Во последните години, Стратегот од Мировјане беше почесен претседател на ЦСКА Софија, клуб кој беше и составен дел од неговиот живот.
Пенев останува трага и како играч. Во дресот на ЦСКА, тој одигра вкупно 364 натпревари, освои 13 трофеи и двапати беше прогласен за фудбалер број 1 во Бугарија. Со Армејците во 1967 година стигна до полуфиналето од Куп на европските шампиони и одигра три срцепарателни натпревари со Интер.
Остави траен белег и во националниот тим. Го носеше националниот дрес 90 пати, играше на три последователни Светски првенства, во Англија во 1966 година, во Мексико во 1970 година и во Западна Германија во 1974 година.
Тој ја заврши својата професионална фудбалска кариера на само 32 години и веднаш се зафати со тренерска работа, каде што не само што го достигна врвот на својата кариера, туку и ги напиша најубавите страници во бугарскиот тимски спорт во последните децении.

