Почина Душко Вујошевиќ, во 2010 година ни „дозволи“ да го добиеме Бо Мекејлеб

Тажна вест пристигна од соседна Србија, почина славниот кошаркарски тренер Душко Вујошевиќ. Тој долго време се бореше со разни болести, а денеска пристигна веста дека ја загубил најважната битка. Имаше 67 години.

„Доктор од Клиничкиот центар ми потврди дека Вујошевиќ починал. Јас сум ѕвездаш кој го сакаше Душко Вујошевиќ. Ова е голема загуба за нашиот спорт. Тој беше човек со став, кој со цело срце работеше и до крајот остана верен пријател“, рече новинарот на „Спортал“, Петар Поповиќ.

Цели 40 години траеше тренерската кариера на Вујошевиќ, а главен печат му беше работењето во Партизан. Тој е еден од оние кои дозволија Американецот Бо Мекејлеб да добие македонско државјанство. Во таа 2010 година, Вујошевиќ го тренираше Мекејлеб во Партизан, а беше и селектор на Црна Гора. Црногорците се интересираа да го донесат Мекејлеб да игра за Црна Гора, но Вујошевиќ сепак се откажа од таа идеја, па Бо стана Македонец и клучен играч за историскиот успех на Македонија на Европското првенство во 2011 година.

Меѓу многуте успеси на Вујошевиќ ќе издвоиме дека 12 пати беше државен првак со својот тим во Југославија, Србија и Црна Гора и Србија, петпати ја освојуваше АБА-лигата, а во 2009 година беше прогласен за најдобар тренер во Евролигата.

Последниот тренерски ангажман го имаше во романскиот Клуж, од каде што си замина во 2021 година.

- Оглас -

Најнови вести