32.8 C
Skopje
сабота, 12 јули 2025

Почина еден од најголемите југословенски голмани, велеше дека Тито е виновен што не биле светски прваци!

Фудбалска Србија тагува после веста за смртта на легендарниот голман Милутин Шошкиќ, кој почина денеска на 84-годишна возраст.

Шошкиќ е еден од најдобрите југословенски голмани во историјата, а стоеше на голот на Партизан во финалето на КЕШ во 1966 година против Реал Мадрид, кога за малку Црно-белите ќе станеа европски шампиони.

Со репрезентацијата на некогашна Југославија, Шошкиќ освои олимписки злато и сребро од Европско првенство во 1960 година. Пред неколку години, тој даде интересна изјава во која го обвини екс претседателот Јосип Броз Тито дека влијаел што Југославија не била светски првак на Мундијалот во Чиле во 1962 година.

„Со дневница од 5 долари, бевме понижени како репрезентативци, и се чувствувавме бедно. Пораката од Тито беше дека треба да играме за народот, а не за пари. Тоа беше лицемерие кое роди неуспех. Имавме тим за титула, но не знаеја да го водат тимот. Тито е најголем виновник што во Чиле не бевме шампиони. Да бевме среќни и задоволни, ќе игравме финале против Бразил и ќе победевме“ – раскажа Шошкиќ.

Југославија беше четврта на тоа СП, и тој пласман е најдобар во историјата на светските првенства за некогашната држава од која дел беше и Македонија. Во полуфиналето, Југославија загуби од Чехословчка, а во мечот за трето место од Чиле. Шампион стана Бразил предводен од Пеле, Вава и Гаринча.

- Оглас -

Најнови вести