Почина Еди Џордан, легендата на Формула 1

Еди Џордан, легендарниот поранешен сопственик на Ф1 тим и телевизиски коментатор, почина во утринските часови денес во Кејптаун, на 76-годишна возраст. Се бореше со агресивен рак на простатата.


„Со неизмерна тага објавуваме дека нас нѐ напушти Еди Џордан, поранешен сопственик на Ф1 тим, телевизиски аналитичар и претприемач. Тој мирно замина, опкружен со своите најблиски“, објави неговото семејство.

Тимот на Џордан, дебитираше во Формула 1 во 1991 година и за време на 15 сезони оствари четири победи на трки. По неговото повлекување од тимот, Џордан стана познат телевизиски коментатор. Многу успешни возачи ја започнаа својата кариера токму во тимот на Џордан, вклучувајќи ги и идните светски шампиони Михаел Шумахер и Дејмон Хил.

Неговиот најголем придонес за Формула 1 беше препознавањето на талентите. Михаел Шумахер дебитираше за тимот на Џордан во 1991 година на Големата награда на Белгија, но веќе по една трка премина во Бенетон. И покрај финансиските предизвици, Џордан во 1996 година обезбеди голем спонзорски договор, што му овозможи да се натпреварува со најдобрите.

Две години подоцна, Дејмон Хил му донесе прва победа на тимот во дождлива трка во Белгија, додека во 1999 година Хајнц-Харалд Френцен победи двапати и дури се бореше за титулата.

Последната победа на тимот беше во 2003 година во Бразил, кога Џанкарло Физикела победи во хаотична дождлива трка. Првично победник беше прогласен Кими Раиконен, но Џордан докажа дека според правилата, Физикела всушност заслужил победа.

Тимот на Џордан беше продаден во 2005 година на руско-канадскиот бизнисмен Алекс Шнајдер и преименуван во Мидленд Рејсинг. Подоцна тимот помина низ неколку промени на идентитет, Форс Индија, Рејсинг Поинт, а денес е познат како Астон Мартин. Пристигнувањето на врвниот дизајнер Андријан Њуи во Астон Мартин оваа година беше иницирано од неговата идеја. Тој исто така беше посредник во преговорите по неговата одлука да го напушти Ред Бул.

- Оглас -

Најнови вести