Почина легендарниот голман кој ѝ ги одбрани сите четири пенали на Барса во финалето во 1986 (Видео)

Во Воената болница во Букурешт на 65-годишна возраст почина легендарниот голман Хелмут Дукадам.

Славниот чувар на мрежата на Стеауа имаше операција на срцето во септември, но веста за неговата смрт беше шокантна за Романците бидејќи тој до пред неколку недели даваше интервјуа и се чинеше дека добро закрепнува. Викендов состојбата му се искомплицира, веројатно имал срцев удар, и денеска си замина од овој свет.

Го нарекуваа „Херојот на Севиља“ поради тоа што на 7 мај 1986 година во овој шпански град направи нешто што ќе се памети вечно. Ни пред него, ни после него не се случило некој голман да ги одбрани сите четири пенали во пенал-серија во финале на европски куп.

Дукадам ги одбрани сите четири пенали во финалето на Купот на европските шампиони (денешната Лига на шампиони) против Барселона и од Стеауа направи прв европски првак во фудбал од источниот дел на Европа. Ги прочита Алесанко, Педраза, Пичи Алонсо и Маркос Алонсо и влезе во историјата на фудбалот.

Нека почива во мир!

- Оглас -

Најнови вести