Тенискиот свет тагува, на 86-годишна возраст во Риека почина легендарниот Никола Пилиќ. Тој му беше ментор и „тениски татко“ на Новак Ѓоковиќ на почетокот на кариерата, а успеа и да го скроти Горан Иванишевиќ, помагајќи му да направи подобри резултати.
Соработката на Пилиќ и Ноле започна во 1999 година, кога Србинот се пресели во неговата академија во Германија. Двајцата работеа четири години (кога Ѓоковиќ имаше од 12 до 16 години), затоа и Новак му е вечно благодарен што му го развиваше талентот.
Пилиќ, кој беше роден во Сплит, и самиот беше врвен тенисер во 1960-тите и 1970-тите години. Беше полуфиналист на Вимблдон во 1967 година, победувајќи ја австралиската легенда Рој Емерсон. Шест години подоцна, Пилиќ стигна до финалето на „Ролан Гарос“, каде што загуби од славниот Илие Настасе.
Пилиќ беше и врвен тренер. Ја предводеше Хрватска до историски триумф и титула во Дејвис купот во 2005 година. Беше селектор и на Западна Германија и Србија, а и со тие земји го освои Дејвис купот.