Почина млад кинески фудбалер, кој беше дел и од Баерн Минхен

Трагична вест доаѓа од Кина. Почина Џио Жијаксуан (18), фудбалер на кинескиот клуб Пекинг гуан, кој беше дел и од Баерн Минхен. Пред еден месец претрпел тешка несреќа за време на тренинг-меч во Шпанија. Ударот со колено во глава на натпреварот против Алкобендас, клуб од седмата шпанска лига, довел до мозочна смрт. Денеска тој починал, објави Баерн Минхен.

„Баерн Минхен тажно известува за Џио Жијаксуан, поранешниот играч на Светската екипа на Баерн, кој почина во возраст од 18 години во својата родна Кина. Тој им подлегна на последиците од тешката повреда на главата по трагичниот инцидент за време на пријателски натпревар во Шпанија на 6 февруари. Мислите на клубот се со неговото семејство и пријателите“, објави германскиот гигант.

Жијаксуан беше дел од проектот на ФК Баерн Светска екипа, кој ги поддржува талентите од целиот свет до нивниот пат во професионалниот фудбал. Главно, играчите таму се една сезона, а потоа се враќаат во своите тимови или остануваат во младинските тимови на Баерн. Централниот дефанзивец беше единствениот играч од Кина избран за проектот во 2023 година, а истата година беше и дел од кинеската репрезентација за играчи до 17 години.

Неговиот брат се огласи во февруари на кинеската социјална мрежа Сјаохонгшу и напишал:
„Тој е мозочно мртов. Има само мали шанси да преживее. Претрпе субарахноидно крварење по судирот со друг играч за време на тренинг-мечот. Лекарот ни рече дека шансите за преживување се многу мали, дека е клинички мртов поради недостиг на кислород во мозокот и дека ќе ги отстранат цевките“

Субарахноидното крварење е крварење во просторот (субарахноидниот простор) помеѓу внатрешниот слој и средниот слој на ткивото што го покрива мозокот. Ова може да се случи, како во овој случај, поради повреда – и во најлош случај може да доведе до мозочна смрт. Сите функции на мозокот откажуваат, а циркулацијата се одржува само вештачки.

- Оглас -

Најнови вести