Почина најдобриот стрелец во историјата на Аѕурите

Луиџи Џиџи Рива, најдобриот стрелец во историјата на италијанската репрезентација, почина денеска, објавија медиумите од оваа земја.

Изминатиот викенд на Рива му се слошило во неговиот дом во Сардинија и поради сомнежи за проблеми со срцето, бил пренесен во болницата „Сан Микеле“ во Калјари, а денеска ја загуби најважната битка во животот.

Луиџи Џиџи Рива речиси целата фудбалска кариера ја помина во тимот на Калјари и беше најдобар стрелец во Серија А во 1970 година, кога тимот од Сардинија ја освои единствената титула во клупската историја.

Рива беше дел од репрезентацијата на Италија која триумфира на Европското првенство во 1968 година, а исто така беше дел од Аѕурите кои во 1970 година играа во финалето на Светското првенство во Мексико.

Кариерата ја заврши во 1976 година, а за Калјари постигна 164 гола на 315 натпревари и трипати беше најдобар стрелец во Серија А. За италијанската репрезентација настапи на 42 натпревари и постигна 35 гола.

По завршување на кариерата, дури 25 години беше директор на италијанската репрезентација, а од 2019 година беше именуван за почесен претседател на Калјари.

- Оглас -

Најнови вести