Од Португалија дојде тажна вест дека на 86-годишна возраст почина најпознатата навивачка на фудбалскиот клуб Брага, жената која се викаше Амелија Мораиш, но сите ја викаа Мелиња. Таа почнала да оди на стадион и да навива за Брага уште кога имала 9 години.
„Со заминувањето на Мелиња, се губи еден од најголемите ликови во нашиот фудбал, жена која ја имаше Брага во срцето и која беше инспирација за сите фанови. Денес португалскиот фудбал станува посиромашен затоа што фудбалот не е само за спортисти и менаџери, туку и за многу од навивачите кои се секогаш таму, на дожд или сонце. Продолжете да ја поддржувате вашата Брага од таму горе“, порачаа фановите на Брага, а сочувство испрати и градоначалникот на Брага.
Мелиња се разболе пред околу една година и оттогаш беше на интензивна нега. Екипата на Брага в четврток против Ренџерс во Глазгов ќе игра за Мелиња и ќе има мотив плус да извлече добар резултат и да се пласира во полуфиналето на Лигата на Европа.