Еден од истакнатите македонски кошаркарски работници, Марјан Лазовски, почина на 58-годишна возраст откако не ја издржа битката со корона-вирусот. Лазовски голем дел од својот живот го помина во кошарката. Беше кошаркар, а потоа продолжи да работи и како тренер.
Од 2003 до 2007 година беше на чело на Вардар, а потоа пет години беше помошник селектор на македонската репрезентација. Лазовски беше дел од стручниот штаб кога Македонија успеа да стигне до четвортото место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.
Во 2012 година ја доби улогата и за селектор, но по неколку месеци си замина. Лазовски беше тренер и во екипите на МЗТ Скопје, Амак СП, Пелистер, Торус и Работнички. Последниот тренерски ангажман го имаше како селектор на женската кошаркарска репрезентација во периодот од 2017 до 2019 година.