3.8 C
Skopje
недела, 1 март 2026

Почина првиот тренер на Диего Марадона во Италија

Поранешниот италијански фудбалер и тренер Рино Маркези почина денеска на 88-годишна возраст, пренесуваат медиумите во Италија.

Како фудбалер настапуваше на позицијата централен дефанзивец, а неговата кариера се одвиваше од крајот на 50-тите до почетокот на 70-тите години од минатиот век. Ги бранеше боите на Фанфула, Аталанта, Фиорентина, Лацио и Прато, при што најдлабок белег остави токму во Фиренца. Со Виолетовите освои два Купа на Италија и трофеј во Купот на победниците на куповите. Маркези забележа и два настапи за репрезентацијата на Италија.

По завршувањето на играчката кариера, Маркези се посвети на тренерската работа, со која активно се занимаваше 21 година, сè до 1994 година. Во текот на таа етапа ги водеше Монтеварки, Мантова, Тернана, Авелино, Наполи (во два наврати), Интер, Комо (двапати), Јувентус, Удинезе, Венеција, СПАЛ и Лече.

Тој останува запаметен како првиот тренер на Диего Марадона во Наполи, како и последниот стратег на Мишел Платини во Јувентус, по што Французинот ја заврши својата блескава кариера. Со тоа, Маркези се вбројува меѓу ретките стручњаци кои имале чест да работат со две од најголемите легенди во историјата на светскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести