Почна да губи од кого ќе стигне, но Федерер и понатаму е машина за пари

Швајцарскиот тениски ас Роџер Федерер, кој има освоено рекордни 20 гренслем-титули во кариерата, далеку е од некогашната форма. Вчера во Женева загуби од Пабло Андухар во својот прв меч на земјена подлога после пуза од дури 712 дена, но што се однесува до заработката, тука Федерер е неприкосновен и поради тоа не се пензионира.

Федерер, кој во август ќе наполни 40 години, ја надмина сумата од 900 милиони долари заработка и до крајот на годинава треба да стане петтиот спортист кој станал милијардер. Досега таква чест имаа само Мајкл Џордан, Тајгер Вудс, Флојд Мејведер и Кристијано Роналдо.

Само од турнири, Федерер има приходи од 129 милиони долари и тука не е најбогат тенисер, туку е втор зад Новак Ѓоковиќ. Но, како заштитно лице на моќни компании и брендови, како „Ролекс“, „Мерцедес“, „Барила“, „Моет“, „Линдт“ и „Кредит Свис“, Швајцарецот заработува многу пари.

Федерер го напушти „Најки“ за да потпише десетгодишен договор со „Уникло“ и од таму ќе земе 300 милиони долари. Бројки од кои се врти глава и му ја олеснуваат болката по поразите кои зачестија во последните години.

- Оглас -

Најнови вести