Фудбалската федерација на Македонија заедно со општина Чаир официјално ги започнаа градежните активности за изградба на нова трибина на стадионот во Чаир со капацитет од 1 792 места, на која е предвиден покриен дел во чии рамки ќе бидат изградени технички и лекарски простории, ВИП простор, застаклена кабина за ТВ-коментаторски позиции и платформи за лица со посебни потреби.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, амбасадорите на Косово и Албанија, поранешни фудбалски легенди на Слога Југомагнат и Шкупи беа присутни на почетокот на изградбата на новата трибина која се гради по строгите правилници на УЕФА за инфраструктура и ќе ги задоволува европските критериуми.
„Многу сум среќен што вложуваме заеднички напори и средства за изградба на нова трибина на стадионот во Чаир, нешто што му недостасуваше на овој стадион. И секогаш е убаво чувството кога сведочиме за почеток на квалитетно вложување во фудбалот, а стадионот во Чаир е пример токму за тоа. Не само поради историјата на Слога Југомагнат или Шкупи, туку воопшто за сите фудбалери, љубители или навивачи на клубот. Вложувањето во инфраструктурата е предуслов за успешен развој на нашиот фудбал. Се надевам дека секој ќе си го одработи својот дел од работата на најдобар начин и наскоро ќе добиеме прекрасен стадион“, изјави Сејдини.