25.8 C
Skopje
понеделник, 28 јули 2025

Почна примената на новото правило при пеналите

Англиската фудбалерка Бет Мид ќе остане запишана како прва која го „пробала“ новото правило во фудбалот во врска со двојниот контакт со топката при пеналите.

Мид погоди за водство од 1-0 во пенал серијата, но таа се лизна, топката ги допре двете нозе и голот беше поништен поради „двоен контакт“, а новината е што пеналот беше повторен и одново изведен.

Досега, при ваков случаен контакт судиите досудуваа дека нема гол и немаше повторување на ударот од 11 метри.

Но, по контроверзите со пеналот на Хулијан Алварез против Реал Мадрид во осминафиналето на Лигата на шампионите, се промени правилото и сега во вакви ситуации пеналот повторно ќе се изведува, а нема да се поништи.

Новото правило кое почна да важи месецов вели: ако играч случајно ја допре топката двапати, како на пример со лизгање, и постигне гол, пеналот ќе биде изведен повторно, наместо да биде поништен. Ако пеналот е промашен по тој двоен допир, ќе се важи како промашен удар. Меѓутоа, ако се докаже дека двојниот допир бил намерен, пеналот се санкционира како и порано, голот се поништува и се досудува индиректен слободен удар за противничкиот тим.

Така Мид вечерва доби втора шанса, но не го реализираше пеналот од „втора мајка“. И покрај оваа негатива во првата серија, Англичанките на крајот сепак победија на пенали со 3-1 и ја прославија втората европска титула по ред.

- Оглас -

Најнови вести