Пред повеќе од четири години, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Диего Армандо Марадона, почина во својот дом од срцев удар. Тој беше на рехабилитација по операцијата на главата што ја имаше некоку дена претходно.
Обвинителството смета дека Марадона немал доволно добра здравствена нега, па седуммина здравствени работници сега се соочуваат со обвинение дека може да се одговорни за смртта на еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.
Адвокатот Фернандо Бурландо, кој ги застапува ќерките на Марадона, Далма и Џанина, остро ги осуди лекарите тврдејќи дека Марадона е „убиен“ поради несовесно лекување. Според него, наместо да биде хоспитализиран, Марадона последните денови ги минал дома со приватен медицински тим, што тој го нарекол „одлука спротивна на здравиот разум“.
Бурландо истакна дека Марадона би бил спасен доколку веднаш бил пренесен во болница, но лекарите ја избегнале таа можност сметајќи дека тоа е „нивна желба – да му го одземат животот“.
Судењето започна со сериозни обвиненија, при што лекарите и медицинските сестри беа обвинети за „едноставно убиство со можна умисла“, што значи дека немале директна намера да го убијат Марадона, но биле свесни дека нивното недејствување можело да ја предизвика неговата смрт.
Според обвинителството, Марадона не добил соодветна медицинска нега, а цитираните докази вклучуваат пораки меѓу лекарите, вклучително и загрижувачки изјави дека „тој ќе умре“ и дека „треба да ги средиме медицинските досиеја“.
На судењето ќе бидат сослушани 120 сведоци, меѓу кои и членови на семејството на Марадона, експерти, новинари и пријатели. Единственото лице кое нема да присуствува на судењето е Дахијана Мадрид, медицинска сестра, која побара нејзиниот случај да биде сослушан од поротата, а нејзиното судење ќе се одржи во јули.
Доколку бидат прогласени за виновни, лекарите може да добијат затворски казни меѓу осум и 25 години доколку бидат осудени за обвинение за „убиство со можна умисла“.