Започна целосната реконструкција на салата „Градски парк“, некогашниот симбол и гордост на кошаркарскиот клуб Работнички и Општина Центар. Оваа сала со децении беше запуштена, особено последните години беше во катастрофална состојба, а сега повторно ќе заживее!
Градежните активности се во полн ек, веќе се поставуваат нова фасада и покрив, а првата фаза опфаќа и целосна реконструкција на канцелариските простории, каде што беа сместени спортските федерации. Потоа ќе следува клучниот дел, целосна реконструкција на теренот според ФИБА стандарди, нови седишта на трибините, средување на соблекувалните и поставување климатизација и подно греење.
„Со оваа реконструкција го враќаме достоинството на овој спортски симбол на нашата општина, дом на македонската кошарка. Многу мои претходници ветуваа решенија и проекти на хартија, но без реализација. Откако годинава ја добивме надлежноста врз објектот, веднаш почнавме со работа. Реконструираниот простор целосно ќе ги исполнува ФИБА-стандардите, а КК Работнички ќе добие современа сала за тренинзи и натпревари, што ќе овозможи враќање на клубот на европската кошаркарска сцена. Со оваа целосна реконструкција салата ќе стане современа и енергетски ефикасна, целосно прилагодена за врвни спортски настани”, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.