Манчестер јунајтед и Тотенхем на 21 мај во Билбао ќе играат финале на Лигата на Европа, а победникот ќе обезбеди место во Лигата на шампионите и ќе стане најслабопласираниот тим од домашно првенство кој победил во ова европско натпреварување.
Досега Севилја го држеше тој негативен рекорд, Андалузијците беа 12-ти во шпанската лига во сезоната 2022/2023, кога ја освоија Лигата на Европа. Јунајтед во моментов е 15-ти, а Тотенхем 16-ти во Премиер лигата.
Тренерот на Црвените ѓаволи, Рубен Аморим, за финалето рече дека ќе биде мотив за неговиот тим да се реваншира за трите порази од Тотенехм во текот на сезонава.
„Имаме слабости, но ги покриваме со борбеност. Секој натпревар има своја приказна и фактот дека загубивме трипати од нив не значи дека сега не можеме да победиме. Мислам дека сме поблиску до победа отколку до пораз. Но, двата тима ќе играат како ништо друго да не е важно бидејќи е сè или ништо“, изјави Аморим.
Анге Постекоглу рече дека неговиот тим ќе ужива во финалето.
„Можеме да почнеме да размислуваме за финалето. Не можете секогаш да се фокусирате на она што е пред вас, но имаме помалку од две недели да се подготвиме за големо европско финале против друг голем клуб. Ќе уживаме во финалето“, вели Австралиецот.
Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс, веќе го прогласи својот некогашен клуб за победник.
„Историјата на Јунатед некогаш е речиси како таа на Реал Мадрид, и кога не играат добро, може да освои европски пехар. Историјата на Манчестер јунајтед ми кажува дека тие ќе го добијат финалето. Тие знаат како се освојуваат трофеи, Тотенхем не знае“, рече Сколс, кој ги подгреа страстите со оваа изјава.