Новото првенство во англиската Премиер лига се најавува со дуелот од Суперкупот, односно популарниот Комјунити Шилд. Манчестер сити и Ливерпул до последното коло водеа битка за титулата во ланската сезона, а на крајот Граѓаните се радуваа на шампионскиот пехар.
Екипата на Пеп Гвардиола не само што го одбрани тронот во Премиер лигата, туку покажа целосна доминација, бидејќи ги освои трофеите и во ФА Купот и Лига Купот. Ако се знае дека Сити е актуелен освојувач и во Комјунити шилд, тоа значи дека сите четири најзначајни пехари се во витрините на еден клуб.
Сити беше доминантен во Англија, но Ливерпул го ја покори Европа. Црвените од „Енфилд Роуд“ може да жалат што не ја прекинаа тридецениската лоша традиција и повторно се без шампионски пехар во Англија, но затоа се искачија на тронот во Лигата на шампиони.
Стратегот Јирген Клоп најави дека нема да менува ништо од ланската сезона и со проверени сили ќе тргне во походот на трофеите во Англија. Минатата сезона во двата првенствени меча на овие екипи, Сити победи на свој терен со 2:1, а на мечот на кој Ливерпул беше домаќин, немаше погодоци.
ЌЕ ФАЛАТ ЅВЕЗДИ ВО ДВАТА СОСТАВИ
Двајцата тренери се сложни дека мечот доаѓа многу брзо и дека поголем дел од играчите воопшто не се подготвени за стартот на новата сезона. Дел од ѕвездите на двата тима, во летниот преоден рок имаа и репрезентативни задачи, па им остана многу малку време да одморат. Токму поради тие причини, Сити ќе биде без Бразилецот Фернандињо.
Кај Ливерпул ќе недостасува Садио Мане, кој со Сенегал играше во финалето на Купот на африканските нации. Јирген Клоп веќе неколку дена на располагање ги има голманот Алисон, како и напаѓачите Роберто Фирмино и Мохамед Салах, кои ги пропуштија сите контролни меча. По повредите, сега подготвени се и Наби Кеита и Џердан Шаќири.
ОВОЈ МЕЧ НЕМА НИШТО СО СЕЗОНАТА КОЈА СЛЕДИ
Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп не сака да прави дополнителен притисок врз играчите, па овој меч не го гледа како нешто посебно, што би имало значење за новата сезона.
„Ако победиме ќе биде добро, ако загубиме нема да биде добро.Мислам дека овој дуел нема да има никакво влијание на сезоната која следи. Ние треба да се докажеме во текот на целата сезона, а не само на еден натпревар. Ова е финале, но речиси никој не го гледа така. Во Германија го освојував пет пати Суперкупот, но тоа никој не го спомнува“, вели Клоп.
Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола вели дека сака да го комплетира сите трофеи во Англија и затоа му е битно да победи неговиот тим.
Ова ќе биде прв меч на овие два тима во Комјунити Шилд, а само втор пат ќе играат на „Вембли“. Пред три години, во Лига куп финалето, дуелот заврши 1:1, но Сити се радуваше со 3:1 на пенали. Интересно е што Граѓаните имаат само две победи во последните 12 средби против Ливерпул, а седум пати биле поразени.
За Ливерпул ова ќе биде 22 учество во Комјунити шилд. Само Манчестер јунајтед со 31 меча е подобар од нив. Сити по 12 пат е дел од овој меч. Граѓаните на последните седум меча кои ги одиграа на „Вембли“ имаат шест победи и едно реми, а билансот им е 16 дадени и само еден примен гол.