26.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Почнува една од највозбудливите сезони во Премиер лигата

По само 48 дена пауза по завршувањето на сезоната 2019/20, Премиер лигата од денес повторно е на програмата, а Фулам и Арсенал (13:30 часот) ќе ја имаат честа да го назначат почетокот на уште една возбудлива сезона во најатрактивната лига на Стариот Континент.

Актуелниот бранител Ливерпул со истиот, шампионски состав ќе се обиде да го сочува тронот на кој се искачи по 30 години чекање, и ќе биде интересно да се види како непроменетиот тим на Јирген Клоп ќе се соочи со останатите конкуренти за титулата.

Црвените засега мируваат во преодниот рок со исклучок на ангажманот на грчкиот бек Kostas Цимикас, а единствената трансфер цел на Клоп, Тијаго Алкантара, е далеку од преселба на „Енфилд“. Составот го напушти Дејан Ловрен, при тоа Ливерпул не планира да доведе негова замена, така централната стоперска позиција е дефицитна.

Како и да е, со триото во нападот Мане – Салах – Фирмино, Ливерпул има и повеќе од потребниот квалитет за повторно да биде првак.

За разлика од шесткратниот европски првак, првиот нивен ривал Манчестер сити беше активен на пазарот со трансферите на стоперот Нејтан Аке и крилото Феран Торес. Гвардиола планира да доведе уште неколку нови имиња во меѓувреме, пред сè во облик на Калиду Кулибали. Во меѓувреме си замина легендата Давид Силва, а на негово место веројатно ќе игра младиот Фил Фоден, во кого Пеп има многу доверба.

Од „големата шестка“, Челзи беше најактивен во овој преоден рок и не планира да застане по пет големи засилувања. Френк Лампард доби надградба на составот со Тимо Вернер, Кај Хаверц, Хаким Зијех, Бен Чилвел и Тијаго Силва, за кои се потрошени околу 250 милиони фунти, па јасно е дека Сините ќе целат на повисок пласман од ланското четврто место, со амбиции дека може да изненади во трката за шампионската титула.

Оле Гунар Солскјер ќе располага со можеби најдобриот среден ред во Премиер лигата, откако на Пол Погба и Бруно Фернандеш го додаде и фантастичниот Дони Ван де Бек. Се очекува блесок од пуленот на Ајакс кој ќе треба да ги разигрува брзоногите офанзивци Рашфорд, Марсијал и младиот Гринвуд.

Манчестер јунајтед и во новата сезона ќе се потпира на академијата, кои треба да искористат играјќи покрај интернационалните ѕвезди, па 20-кратниот англиски шампион по подолг период повторно да атакува за врвот во Премиер лигата.

Арсенал исто така беше доста активен на трансфер пазарот, а Топчиите одново посегнаа по играч од градскиот ривал Челзи. Вилијан со своето искуство треба да придонесе за Топчиите да се борат за пласман во Лигата на шампионите, откако ланската кампања им беше доста неуспешна во првенството на осмото место, а ФА купот им беше утешна награда.

Артета реши голем проблем, а тоа е разнишата одбрана која ја засили со Бразилецот Габриел Маланхес, а воедно го врати Дани Себалјос на уште една позајмица, па Арсенал предводен од Пјер-Емерик Обамејанг ќе биде значително поконкурентен во новата сезона.

Жозе Мурињо доведе бек во Тотенхем по свој вкус, во ликот на Мет Доерти од Вулвехемптон. Петлите ова лето пазареа од англиски екипи, купен е и Пјер-Емил Хојбјерг од Саутхемптон како засилување во средината, но „Специјалниот“ најмногу се радува што Хари Кејн е потполно здрав, па ќе се види колку англискиот бомбардер ќе биде опасен за противниците под палката на Мурињо.

На Мурињо целта му е пласман во Лигата на шампионите, кој исто така може да го оствари со евентуално освојување на Лигата на Европа.

Во меѓувреме, Лидс јунајтед, Фулам и ВБА ќе се обидат да го пресликаат успехот на Шефилд јунајтед од минатат сезона, во која како новаци завршија во топ 10 на табелата. Лидс има најголеми шанси за тоа откако во елитата се вратија по 16 години пауза, за тренер во имаат Марсело Бјелса, а за македонската публика овој тим има посебно значење ако се знае дека ќе имаме претставник во Езѓан Алиоски.

За да го задржи прволигашкиот статус, Лидс не се штедеше и доведе рекордно засилување, а тоа е напаѓачот на Валенсија Родриго, но се очекуваат уште неколку ангажмани.

Едно е сигурно, оваа сезона нема да се види тотална доминација на еден тим во борбата за титулата, а воедно се очекува неизвесни битки на сите фронтови.

- Оглас -

Најнови вести