Стартува новата фудбалска сезона во Македонија. Фаворитите за титулата, Шкендија и Вардар, денеска го отвораат шампионатот со натпревари на домашен терен.
Шкендија во Тетово, меѓу двата меча во Карабах во квалификациите за ЛШ, ќе го пречека Шкупи од 17 часот. Јасно е дека Шкендија е голем фаворит, особено и поради фактот што клубот од Чаир се соочува со голема криза и недостиг на квалитетни фудбалери.
„Нашата цел во новата сезона е одбрана на титулата. Сметам дека имаме потенцијал и имаме играчки кадар да одговориме на предизвиците и во првенството и во Европа. Утре очекувам добра игра и да имаме победнички почеток на новата сезона. Секој противник го почитуваме и го цениме, нема потценување за никого, ние ќе ја играме нашата игра и се надевам дека ќе дојдеме до целта“, изјави Јетон Беќири, тренерот на Шкендија, за сајтот на ФФМ.
Од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе биде многу повозбудливо, се среќаваат вечните ривали Вардар и Пелистер.
„Конечно стартува шампионатот за кој се подготвувавме цело лето. По успешната европска авантура, сега целосно сме фокусирани на домашното првенство. Не може да се посака подобар старт, вечно дерби против Пелистер, под рефлектори, пред нашите навивачи. Вистинско уживање. Сконцентрирани сме, подготвени и максимално мотивирани“, истакна дефанзивецот на Вардар, Мислав Матиќ.
Според квотите, Шкендија и Вардар се изразени фаворити на денешните мечеви.

Шесте натпревари од првото коло во Првата лига се поделени во четири дена. Утре ќе играат Струга ТЛ – Македонија ЃП и Башкими Арсими, в недела е дуелот Тиквеш – Работнички, а колото завршува во понеделник, со натпреварот Силекс – Брера.