Почнува првата рунда од Светскиот клупски куп, Ал-Ахли се протна на турнирот и сега е фаворит против Оукленд сити

Египетскиот гигант Ал-Ахли и Оукленд сити од Нов Зеланд вечерва од 20 часот во Танжер, Мароко, со меѓусебен меч од првата рунда ќе означат почеток на новото издание на Светскиот клупски куп во организација на ФИФА.

Ал-Ахли, кој е рекордер во Египет со 42 шампионски титули и 37 пехари во националниот куп, имаше среќа за воопшто и да игра на Купот.

Лани го загубија финалето во Африка од Видад Казабланка и во услови кога само шампионите на континентите играат на Светскиот клупски куп, единствена шанса им беше Мароко да биде домаќин, што ѝ се оствари.

Видад Казабланка игра на турнирот како домаќин, па и Ал-Ахли доби шанса како вицешампион на Африка да настапи.

И вечерва се големи фаворити со Оукленд сити, а во единствениот меѓусебен меч досега ги победија со 1:0 во 2006 година токму на ова натпреварување.

Победникот од овој дуел ќе игра со американскиот Сиетл саундерс во второто коло на 4 февруари, кога во истата фаза ќе играат и Видад Казабланка против Ал-Хилал, претставникот на Азија.

Фламенго од Бразил и европскиот гигант Реал Мадрид ќе го почнат натпреварувањето од полуфиналето на 7 и 8 февруари.

Финалето е закажано за 11 февруари, а досега апсолутна доминација имаат екипите од Европа и Јужна Америка и тие ги освоија сите пехари.

Реал Мадрид е рекордер со четири титули, пред Барселона со три и Коринтијанс и Баерн Минхен со по два пехари.

 

- Оглас -

Најнови вести