Подготовките почнаа, а Маркес не може да вози како што сака

Стартот на подготовките за новата сезона во Мото ГП ги покажа првите проблеми на Хонда и нивниот возач Марк Маркес. Актуелниот светски првак не ги започна тестовите како што посакуваше. Откако во првиот ден имаше најдобро време, иако возеше само 29 круга, веќе следниот ден имаше пречки во возењето и заврши со осмо најдобро време со скоро една секунда заостаток зад провпласираниот Маверик Вињалес.

Маркес посочи дека има проблеми со левото рамо поради кое беше на операција во декември 2018 година. Тој вели дека уште чувстува болки кога врши напори на одредени свиоци, па не може да вози со посакувана брзина.

„Можам да возам неколку кругови, а потоа се појавуваат болки во рамото. Не можам да бидам на моторот подолго време, а особено ме боли кога вртам на лево. Токму затоа смислуваме нова тактика за да возам најбрзо што можам“, истакна Маркес.

Новата сезона започнува на 10-ти март, со трката за Големата награда на Катар, каде што Маркес ќе ја започне својата мисија во одбрана на светската титула.

- Оглас -

Најнови вести