21.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Подгответе се за драма каква што немало во европските квалификации за СП

Вечерва се играат последните седум меча од групната фаза во европските квалификации за пласман на Светското првенство во Катар. Непознато останува само уште која ќе биде последната селекција што директно ќе обезбеди место на Мундијалот, но и трите репрезентации кои ќе се пласираат во баражот.

Ако се гледаат табелите, најнеизвесно ќе биде во Г групата, каде што Холандија, Турција и Норвешка имаат свои калкулации како да стигнат до првото или евентуално второто место.

Во Д и Е групите јасно е дека Франција и Белгија ќе одат на планетарниот собир, но борбата за второто место може да биде многу драматична.

Во Д групата втора е Финска со 11 бодови, додека Украина е трета со девет. Финците дома играат против Франција, а Украина е фаворит на гости кај Босна и Херцеговина, која е без мотив.

Ако Финска одигра нерешено, а Украина победи, тогаш двете селекции ќе имаат по 12 бодови. Во тој случај решава вкупната гол-разлика за второто место. Финска моментно е со гол-разлика 10-8, а Украина со 9-8.

Доколку Финска одигра 0:0 против Франција, а Украина победи со 1:0 во БиХ, тогаш двете селекции би имале по 12 бодови и идентична гол-разлика од 10:8. Во таква ситуација ќе решава меѓусебниот дуел, а тука подобра е Украина, која на гости славеше против Финска со 2:1, а дома одигра 1:1.

Иста ситуација во борба за второто место може да се случи и во Е групата. Велс е втор со 14 бодови, а Чешка е трета со 11, но има шанси да стигне до баражот. Велс вечерва дома игра против фаворитот Белгија, па доколку загуби на пример со 0:1, а Чешка со 1:0 победи против Естонија, тогаш двете селекции на крајот ќе имаат по 14 бодови и идентична гол-разлика од 13 дадени и девет примени голови.

Во тој случај ќе решава меѓусебниот дуел, а таму подобар е Велс, кој дома победи со 1:0, а на гости одигра 2:2. Вакви драматични ситуации во квалификациите се ретки и малку кога требало дури четвртиот фактор да одлучува за тоа кој ќе биде на позиција што носи место во баражот.

 

- Оглас -

Најнови вести