Денеска е специјален ден за љубителите на фудбалот, ќе се одигра последното коло од лигашката фаза во Лигата на шампионите, сите натпревари започнуваат во 21 часот, а по нив ќе стане јасно кои осум тима директно се квалификуваат во осминафиналето, како и кои 16 ќе одат во баражот за осминафинале. Елиминирани ќе бидат екипите од 24-тото до 32-рото место на табелата.
Дури 27 од 36-те тима имаат за што да играат и не им е сеедно дали ќе победат или ќе загубат. Само на средбите Јанг бојс – Црвена ѕвезда и Штурм – Лајпциг се игра за престиж и ништо не им значи освен да соберат по некој бод плус за поголема заработка.
Најинтересно прашање е дали некој од фаворитите прерано ќе испадне од ЛШ, а таква опасност му се заканува на Манчестер сити, кој моментно е надвор од топ 24 и мора да го победат Клуб Бриж за да влезат во нокаут-фазата. Опасност од испаѓање има и за ПСЖ, Французите гостуваат во Штутгарт, а реми во голема мера им одговара на двете екипи.
Лисабонските Спортинг и Бенфика се под притисок да освојат барем бод, а имаат дуели со италијанските Болоња, односно Јувентус.
Два од главните фаворити за трофејот, Баерн Минхен и Реал Мадрид, имаат загарантирано место во плејофот, но мора да победат за да се надеваат на поволен развој во преостанатите натпревари за да имаат некаква шанса за влез во Топ 8.