Корејскиот тенисер Дуки Ли испиша историја со освојувањето на ИТФ турнирот во Шарм ел Шеик во Египет. Ли е првиот глув тенисер кој освоил турнир.
Ли е моментно на 426-тото место на АТП-листата, а врв на кариерата му беше 130-тата позиција на листата на најдобри тенисери во светот. Хендикепот што го има го надоместува со одличен преглед и антиципација на теренот.
Тој е роден глув, на седум години почна со тренирање тенис, а од својата 14-та година се занимава со професионално играње тенис. Родителите го научиле да чита од уста, наместо да го учи знаковниот јазик. Сакале Дуки да тренира спорт и тенисот им делувал како најдобар за некој што не може да слуша и да зборува чисто.
Во 2019 година за првпат доби меч на АТП-турнир, а сега освои и турнир, иако на ИТФ ниво со награден фонд од 15.000 долари, сепак успехот е историски и остварување на една од желбите што ги имаше Ли како дете.