Реал Мадрид наводно е блиску до реализација на трансферот на Холанѓанецот Дони Ван Де Бек. Шпанските медиуми тврдат дека е постигнат договор со Ајакс околу услугите на нивниот играч за врска, а Ван Де Бек во следните неколку дена ќе пристигне во Мадрид за да потпише за Кралевите.
Се шпекулира дека претседателот Перес ќе издвои околу 60 милиони евра за холандскиот репрезентативец, а тој треба да стави потпис на петгодишен договор. Ова значи дека Реал дефинитивно се откажува од Пол Погба, за кого Манчестер јунајтед бара дури 150 милиони евра за да му дозволат на Французинот да го напушти „Олд трафорд“.
Ван Де Бек е далеку поевтина алтернатива, а со оглед на тоа дека е помлад, има многу повеќе простор за развивање, а шпанскиот гигант може да смета на неговите услуги на подолг период.
Ајакс летово остана без двајцата најдобри играчи во тимот, Френки Де Јонг и Матајс Де Лихт заминаа во Барселона, односно Јувентус, а за нивните услуги беа издвоени по 75 милиони евра. Ван Де Бек сега дополнително ќе ја наполни касата на Копјаниците.