Пол Погба сè уште е без клуб, а ситуацијата со пронаоѓање нов тим не оди во негова полза. Последниот удар дојде од Серија А, каде што Фиорентина ја одбила можноста да го ангажира.
Иако Судот за спортска арбитража (ЦАС) ја намали неговата суспензија поради позитивен допинг-тест, Погба остана слободен играч откако Јувентус го раскина неговиот договор.
Италијанските медиуми претходно пренесоа дека Фиорентина би можела да биде новата дестинација за 31-годишниот Французин. Сепак, според „Кориере дело Спорт“, агентот на Погба го понудил својот клиент на клубот од Фиренца, но Виолетовите не сакале ни да слушнат за таа можност, што значи дека преговорите се завршени пред и да започнат.
Погба повеќе од три месеци е без клуб, откако го напушти Јувентус. Во два мандата за Старата дама одигра 190 натпревари и постигна 34 гола, додека во дресот на Манчестер јунајтед забележа 233 настапи и постигна 39 погодоци.
Судбината на светскиот шампион од 2018 година останува неизвесна, а засега нема конкретни понуди кои би му донеле нов фудбалски ангажман.