Погба е реален, но и голем оптимист: Не сме на нивото на Ливерпул, сепак можеме да ја освоиме Премиер лигата

Пол Погба е реален и вели дека Манчестер јунајтед сè уште не го достигнал нивото на Ливерпул, но францускиот ас сепак е оптимист дека неговиот тим може да ја освои шампионската круна во Англија.

Задутре и за него и за останатите играчи на Манчестер јунајтед на ред е најтешкиот можен испит, дуелот против актуелниот првак Ливерпул, во дерби на двете најтрофејни екипи во Англија со вкупно 39 титули.

Манчестер јунајтед има 20, една повеќе од Ливерпул, а Погба верува дека на крајот од сезоната разликата ќе биде плус два за Црвените ѓаволи.

„Напредувавме многу и ќе продолжиме да го правиме тоа. Во моментов не сме на нивото на Ливерпул бидејќи тие се актуелни шампиони и имаат континуитет на успеси во последните неколку години, но јас сум оптимист. Манчестер јунајтед има млада екипа, но и многу квалитетна што може да ја освои титулата во Премиер лигата. Со победи против шампионите се станува шампион и верувам дека на крајот од сезоната Манчестер јунајтед ќе се радува на пехарот“, изјави Погба.

Моментно Црвените ѓаволи се лидери во англиското првенство со 36 бода, три повеќе од Ливерпул и по четири од Манчестер сити, Лестер и Евертон, но нивниот градски ривал има одиграно меч помалку.

Дербито на 19-тото коло во Премиер лигата ќе се игра во недела од 17.30 часот, а Манчестер јунајтед ќе му биде гостин на Ливерпул на „Енфилд роуд“.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести