По речиси три години пауза, Пол Погба повторно се активира во професионалниот фудбал. Некогаш еден од најдобрите и најплатени играчи, потпиша договор со Монако и за прв пат во кариерата ќе заигра во француското првенство.
Погба иако е Французин, никогаш нема играно во домашното првенство затоа што како 16-годишен тинејџер замина во Манчестер јунајтед. Освен во Манчестер, Погба има играно само уште во Јувентус.
Од септември 2023 година Погба нема играно офицјален меч. Тој издржуваше суспензија откако беше позитивен на допинг-тестот.
„Постојат различни фази, ова е првата. Поентата е да се започне одново, да се врати чувството на фудбалскиот терен. Потоа морам да се вратам во најдобра можна форма за да му помогнам на тимот“, рече 32-годишниот играч од средниот ред.
Погба верува дека Монако е вистинскиот тим за да се врати во старата форма и да се обиде да биде повторно врвен играч. Фудбалерот кој со Франција беше светски првак на Мундијалот во 2018 година, вели дека најголемите фудбалски таленти во светот се токму од земјата на Галските петли.
„Две години бев сам. Подготовката сам е сосема поинаква од тоа да се биде во тим. За да се вратам побрзо, имам индивидуална програма. Се чувствувам добро. Имам позитивни мисли во главата и сум решен. Едвај чекам да бидам со тимот, да играм, да ги забавувам навивачите. Навистина ми се допадна проектот. Условите, градот, тоа што сум во Франција, што играм во Лига 1, што никогаш не сум го правел. Семејството, историјата на клубот. Совршено е, доаѓа во вистинско време. Тоа беше изборот што морав да го направам“, вели Погба кој плачеше од среќа кога потпиша за Монако.
„Никогаш не сум играл во Лига 1, но тоа е првенство кое многу го почитувам – со многу големи играчи, со огромен потенцијал. Мислам дека најголемите таленти во светот во моментов доаѓаат од Франција. Играњето во ова првенство е задоволство и чест за мене“, додаде некогашната светска фудбалска ѕвезда.