Дали Пол Погба треба да биде во најдобриот или во најлошиот тим на сезоната во Премиер лигата е прашање кое треба да го одговорат многу неутрални љубители на фудбалот, откако Французинот се најде и во идеалните 11 и во најлошите, додуша во два разични избори.
Според играчите од Премиер лигата, за Погба има место во најдобрите 11 за изминатата сезона во која Манчестер сити во фотофинишот дојде до нова титула.
Весникот „Сан“ го објави најлошиот тим на сезоната според статистички параметри, а и тука има место за Погба.
Најлош голман е Асмир Беговиќ, кој имаше доста киксеви и прими 47 гола на 24 меча. Во одбраната се Кристофер Шиндлер, кој загуби 27 меча и прими 71 гол, Бруно Манга, кој истрча најмалку, Вес Морган, кој доби два црвени картони, повеќе од кој било друг, и Шон Морисон, кој направи три пенали.
Во средина се Ив Бисума, кој имаше 31 шут и ниту еден гол, потоа Жоржињо, кој е најбавен играч во лигата според топ брзината која му е измерена при спринтови, Погба, кој утна три пенали, и Етиен Капуе, кој беше рекордер по бројот на добиени жолти картони (14).
Најлоши напаѓачи се Глен Мареј, кој фаулираше 81 пат, дури 19 повеќе од вториот најгруб офанзивец, и Лоран Депоатр, кој од 30 шута, ниеднаш не ја погоди мрежата.