Италијанската антидопинг агенција денеска побара максимална, четиригодишна суспензија за фудбалерот на Јувентус, Пол Погба, кој беше позитивен на тестостерон кој се наоѓа на листата на забранети супстанци.
Погба ја одби можноста да се договори со Антидопинг агенцијата, поради што неговиот случај се најде пред суд.
Доколку судот му изрече четиригодишна суспензија како што бараат од Антидопинг агенцијата, според италијанските медиуми тоа би значело крај на кариерата за 30-годишниот Погба.
Четиригодишните суспензии се стандардни според правилата на Светската антидопинг агенција, но може да се намалат доколку спортистот докаже дека допингот бил случаен, ако тестот бил контаминиран или ако помогне во истрагата.
Погба беше позитивен на допинг тестот по мечот меѓу Јувентус и Удинезе кој се играше на 20 септември.