Пол Погба повторно се враќа на фудбалските терени, ќе биде дел од Монако, но во меѓувреме остро го критикуваше Јувентус поради начинот на кој клубот се однесувал кон него за време на неговата 18-месечна суспензија поради допинг.
Францускиот репрезентативец, кој се очекува наскоро и официјално да биде промовиран во Монако, изјави дека не добил никаква поддршка од Јувентус за време на тешкиот период.
„Побарав помош од Јувентус, но не ја добив. Сакав да ми обезбедат кондициски тренер, бидејќи сè уште формално бев дел од тимот. Имав право на тоа. Да бидам искрен, Јувентус не ме поддржа и тоа ми остана врежано во сеќавањето. Не разбрав зошто. Мислев дека сум во судир со антидопинг институциите, а не со клубот“, изјави Погба.
Погба беше позитивен на допинг-тест по натпреварот од Серија А против Удинезе во 2023 година, иако не влезе во игра ниту една минута. Првично беше суспендиран на четири години, но казната подоцна му беше намалена на 18 месеци.
Во ноември 2024 година, Јувентус го раскина договорот со Погба, а од март 2025 година тој повторно има право на настап.
„Не можев секој ден да ги возам децата до училиште и да поминувам покрај стадионот и тренинг-центарот, знаејќи дека уште долго нема да можам да играм. Ме прашуваа кога ќе се вратам на теренот, кога ќе ме гледаат пак на стадионот“, додаде емотивно Погба.
Сега, како слободен агент, е пред нов предизвик.
„Подготвен сум, и физички и психички. Едвај чекам да почнам повторно. Имам 32 години, но се чувствувам како дете,“ вели тој.
Пол Погба за Јувентус одигра вкупно 132 натпревари во своите две етапи во Торино. Во првиот, далеку поуспешен период, запиша 178 настапи, постигна 34 гола и освои четири титули во Серија А.