Играчот за врска на Манчестер јунајтед Пол Погба, ја обнови повредата на стопалото изминатиот понеделник во дуелот против Арсенал, по што му следува пауза подолга од три недели. Тоа не се добри вести за Црвените ѓаволи, а ниту за Оле Гунар Солскјер, бидејќи Погба ќе има околу 15 дена да закрепне за да може да биде во комбинација за дербито против Ливерпул (20 октомври).
Повредата ја потврди селекторот на Франција Дидие Дешамп, кој е разочаран што не може да смета на Погба за претстојниот квалификациски циклус за ЕП 2020.
„Погба повторно има проблем со стопалото и ќе биде вон погон најмалку три недели. Би сакал да е со нас, но за жал има болки и мора прво да закрепне“, истакна Дешамп.
Тоа значи дека Французинот ќе го пропушти гостувањето кај Њукасл во недела, а допрва ќе се види дали ќе може да игра во најголемото англиско дерби против европскиот првак Ливерпул.