По триумфот над Норвич, Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер јунајтед, потврди дека тимот нема да смета на Пол Погба најмалку уште еден месец. Французинот е во аут од крајот на септември поради повреда на глуждот, а според тоа како се одвива неговото закрепнување, Норвежанецот прогнозира дека дури во декември Погба ќе се појави на терените.
„Мислам дека дури во декември ќе го видиме Погба на терен. Потребно му е време за целосно да го надмине проблемот со зглобот пред да се стави на располагање. Можеби ќе биде подготвен за дуелот со Шефилд по репрезентативната пауза, но шансите се мали, затоа ќе почекаме уште триесетина дена“, истакна Солскјер.
Најскапиот фудбалер во клупската историја на Црвените ѓаволи последен пат играше во ремито против Арсенал кон крајот на септември. Погба и тогаш беше повреден, но стегна заби и го издржа дербито, а глуждот го оштети еден викенд претходно против Саутхемптон.