Пол Погба во минатото беше најскап фудбалер во светот, а сега е играчот кој падна на допинг тестот и ќе чека сериозна санкција од УЕФА и ФИФА. Пред помалку од еден месец пристигна веста дека Погба е позитивен на допинг тестот, а денеска на второто тестирање само се потврдија лошите вести за Французинот.
Тој бил позитивен на тестесторон па сега му се заканува суспензија од дури четири години, која може да значи и крај на неговата кариера.
Погба е актуелен играч на Јувентус, но од Старта дама веќе реагираа и решија од денеска Французинот да биде ставен на минимална плата. Во италијанската Серија А таа минимална плата е 27.300 евра на годишно ниво, што би било 2.275 евра месечно (околу 140.000 денари).
Оваа сума е поразителна за Погба, ако се знае дека според договорот кој го имаше со Јувентус, годишно заработуваше по неколку милиони евра. Сега овие пари едноставно исчезнаа по неговиот позитивен допинг тест. Доколку Погба добие суспензија меѓу две и четири години, Јувентус ќе може веднаш да му го раскине договорот.