Пол Погба за многу кратко време може повторно да го облече дресот на Јувентус. Според пишувањата во италијанскиот весник „Кориере дело спорт“, агентот на Погба, Мино Рајола, ги известил челниците на италијанскиот првак дека „може да тргнат во акција“.
Францускиот репрезентативец отворено демонстрира дека не е среќен во Манчестер јунајтед, а често има недоразбирања и со тренерот Жозе Мурињо. Додека беше во Јувентус, Погба беше во многу подобра форма од тоа што сега го покажува во Манчестер јунајтед.
„Повторно да играм во Јувентус? Никогаш не се знае, ама сега сум во Манчестер“, беше последниот јавен коментар на играчот од средниот ред на оваа тема.
Погба во Јувентус беше од 2012 до 2016 година, а потоа за 105 милиони евра направи трансфер во Манчестер јунајтед. Сега може да очекуваме тој повторно да се врати во Торино.