Лионел Меси дојде во Пари Сен Жермен, но ќе почека за дебитантскиот настап. Според некои најави, Меси може прв пат да заигра за Светците на 29 август против Реимс, или дури на 12 септември кога на „Паркот на принцовите“ ќе гостува Клермонт.
ПСЖ вечерва на свој терен игра против Стразбург, а освен Меси, сигурно нема да игра ниту Серхио Рамос, кој исто така дојде како слободен играч во летниот преоден рок. Тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино знае дека е под голем притисок и дека во скоро време ќе мора да создаде хомогена екипа со толку многу ѕвезди како што се Меси, Нејмар, Мбапе, Рамос, Ди Марија, Верати…
„Имаме тим со големи ѕвезди и со големи таленти. Најголем предизвик ќе биде да се вклопат сите тие квалитетни фудбалери во еден тим, да работат заедно, да се создаде динамика. Ако не играме или тренираме доволно добро и ако не се придржуваме на принципите, ќе биде тешко да покажеме игра и да постигнеме посакувани резултати без разлика на тоа што имаме толку многу ѕвезди во составот“, рече Покетино.
ПСЖ во првото коло од француското првенство со 2:1 на гости ја победи Троја, а вечерва се очекува да стигне до нови три бода, иако во составот ќе ги нема Меси, Нејмар, Ди Марија, Маркињос, Донарума, Рамос…