Аргентинскиот стручњак, Маурисио Покетино, од сопственикот на Тотенхем, Даниел Леви, побара да му купи четири освежувања за играчкиот кадар во тимот кој сезонава играше финале во Лигата на шампионите.
На листата на желби кај Покетино се Танги Ндомбеле од Лион, Николо Ѕаниоло од Рома, Дони Ван де Бек од Ајакс и Рајан Сесењон од Фулам. Според нивната моментна цена на трансфер пазарот, сумата која Тотенхем ќе треба да ја одвои ако успее да се договори со нив, ќе биде околу 175 милиони долари. Покетино би се задоволил и со тројца од овие четворица, но каков ќе биде исходот, ќе зависи и од тоа дали Кристијан Ериксен ќе остане или ќе си оди.
Тотенхем кој во два преодни рока не купуваше играчи, беше четврти во Премиерлигата и повторно ќе игра во Лигата на шампионите. Новата сезона во Англија почнува на 9 август, лондонските „петли“ ја пречекуваат Астон Вила.