Менаџерот на Тотенхем, Маурисио Покетино, утре со својот тим за првпат ќе се бори за најпрестижниот клупски пехар во Европа. Во текот на прес-конференцијата во пресрет на финалето во ЛШ, Аргентинецот не испушти да го пофали својот колега и предводник на Ливерпул, Јирген Клоп.
Покетино му се восхитува на успесите кои Клоп ги оствари во изминативе неколку години и вели дека е неверојатно што Германецот по третпат ќе се појави во едно финале во Лигата на шампионите.
„Јирген е фантастичен менаџер, не можам да престанам да му се восхитувам. Толку е позитивен на свој природен начин, не може да не покажеш респект за тоа каков тренер е. Луѓето зборуваат дека загубил две финалиња, а треба да потенцираат дека трипати стигна до таму. Најтешко е да се дојде до финале во ЛШ, фактот што ги загубил претходните две покажува дека некои работи се вон негова контрола. За мене, пласман во три финалиња е неверојатен успех“, истакна Покетино.
Клоп како предводник на Борусија Дортмунд во 2013 година загуби во финалето од Баерн Минхен со 2-1, додека лани со својот Ливерпул беше поразен од Реал Мадрид со 3-1. Дали третиот пласман ќе му биде среќен, ќе се дознае утре во 21 часот, кога Ливерпул и Тотенхем ќе се сретнат на „Ванда Метрополитано“ во најавениот спектакл.