Градењето на шампионски менталитет се постигнува со време и трпение, изјави менаџерот на Челзи, Маурисио Покетино, пред денешното финале на Лига купот на Англија против Ливерпул.
Сините полека како да го фаќаат правилниот ритам, но ова финале денеска им е единствена шанса да освојат некаков трофеј сезонава. Челзи загуби од Ливерпул пред еден месец, но после тоа ја совлада Астон Вила во ФА Купот и ремизираше со Манчестер сити.
„Нештата се менуваат. Видовте ли вакво поведение на фудбалерите на почетокот на сезонава? Не. Сега има единство и сите се охрабрени. Кога ќе посееш семе, не ги гледаш резултатите во истиот момент, а туку чекаш да се појави мало стебло. Потребно е време за градење на победнички менталитет. Освојувањето трофеи го забрзува тој процес. Да си втор е најнепријатното чувство на светот“, вели Покетино кој нема освоено Лига куп, а во 2015 година како тренер на Тотенхем стигна до финалето и загуби од Челзи, тимот на чија клупа седи сега.